Спортот јасно ни покажува како да работиме со другите за да ги добиеме најдобрите резултати. Тој нe учи дека мора да мислиме на групата како целина, а не само на поединците. За успех се потребни и придонесите на сите кои се ангажирани околу спортската екипа. Џон Вуден прави споредба со работата на една филмска продукција каде за успехот на тимот се заслужни сите, а не само режисерот и главните актери.
Стручни статии од членови:
Соработка на стручниот тим
Спортот јасно ни покажува како да работиме со другите за да ги добиеме најдобрите резултати. Тој нe учи дека мора да мислиме на групата како целина, а не само на поединците. За успех се потребни и придонесите на сите кои се ангажирани околу спортската екипа. Џон Вуден прави споредба со работата на една филмска продукција каде за успехот на тимот се заслужни сите, а не само режисерот и главните актери. За Вуден спортот не е само победа, туку тој го истакнува значењето на самата игра во спортот, т.е. стилот и начинот на игра.[1]
Тренерот со своето однесување и пристап кон работата треба да биде модел за однесување за играчите, а особено за помладите. Тој треба да го демонстрира она однесување кое го очекува од членовите на стручниот штаб и членовите на спортската екипа. Кога еднаш ќе ја поставите вашата работна етика, кога еднаш ќе покажете волја да станете рано, да легнете доцна и ќе си зацртате дека ќе истраете сe додека не станете успешен, тогаш вие сте на патот да станете мотивирана личност. Вие мора да бидете еднакво посветени и на работењето на правилен начин. Запомнете, совршено извршената вежба, ве прави совршен.[2]
Од горенаведениот цитат, може да се заклучи дека успехот на еден тим се состои од посветеноста, упорноста и правилниот став кон работата, тренинзите и вежбите на сите актери во спортската игра.
Способноста да се види можност каде што другите гледаат катастрофа е карактеристичен фактор на успешните спортисти и екипи. Најдобрите спортисти се многу оптимистични поединци. Оптимизмот придонесува за подобрување на перформансите на поединците и на целиот тим. Во речиси сите поголеми клубови во состав на стручните тимови покрај доктори, физиотерапевти и нутриционисти сe повеќе има и психолози. Тимотеј Харкнес е клубски психолог во фудбалскиот клуб “Челси” каде што работи со постарите и помладите играчи. Тој во својата работа ги применува принципите на позитивна психологија, обука за когнитивна перцепција, како и психофизиологија.[3]
Успехот на една спортска екипа не зависи само од стручноста на главниот тренер, туку и од неговата соработка со управата, од една страна, и со целиот стручен тим на спортски тренери и работници, од друга страна.
Според Влад Роска, успехот во рагби тимовите е резултат на соработка помеѓу повеќе лица (играчи, тренери, менаџери, медицински лица итн.), управување во која било форма, било да е тоа за обука, лидерство и менаџмент, сето тоа игра важна улога во освојувањето на натпреварите и самото натпреварување. Ефикасното управување е највлијателниот фактор во добивањена еден спортски успех. На пример, во еден рагби тим кој цели да биде шампионски тим, играчите мора да бидат обучени, управувани и водени од страна на тренер кој треба да ја докаже својата способност да ги води луѓето и да управува со организацијата.[4]
Да се биде дел од победничкиот тим, значи да се плати цената за тоа, односно членовите на тимот треба да ги исполнат следните барања: пожртвуваност, посветеност, несебичност и постојан личен развој.[5]
Спортските тренери имаат голема улога во развојот на спортот и постигнувањето на резултатите на спортската екипа. Честопати тие тоа го прават и на волонтерска основа поради пасијата и љубовта кон спортот. Тие им помагаат на спортистите да го достигнат својот потенцијал и да ја подобрат играта и изведбата. Лидерот на тимот треба да преземе иницијатива и да се осигура дека секој член во тимот расте и се подобрува.[6]
Важна е соработката со другите спортски тренери и стручни соработници, како што се: фитнес тренерот, физиологот, психологот, докторот и нутриционистот внатре во самиот стручен тим и соработката на секој член од стручниот штаб со членовите на спортската екипа.
Денес, науката во спортот има сe поголема улога и во креирањето на нови работни места и области за поддршка на спортските тренери, клупските менаџери и стручни соработници.Спортската наука има улога и во индивидуалниот тренинг, но и во екипниот. Во професионалните клубови сe повеќе се ангажираат и вработуваат експерти коишто се стручни во своите области, а кои пак се поврзани со спортот и активностите за постигнување на врвни спортски резултати. Колку корист од овој потенцијал на стручно знаење ќе има спортската екипа зависи и од соработката на тренерот со стручниот штаб. Во основата на оваа соработка лежи комуникацијата, видот и стилот на тренерот за водење и управување. Главниот тренер треба да знае дека не може да го примени истиот стил на водење и комуницирање во стручниот штаб како оној којшто го применува на терен, со спортската екипа. Здравјето, кондицијата, социјалното здравје, физичкото здравје на членовите на спортската екипа зависат и од соработката на стручниот тим. Квалитетотнна соработката внатре во стручниот тим и квалитетот на соработката со членовите на спортската екипа влијае и на односот на играчите кон клубот и соиграчите.
Од друга страна, квалитетот на соработката на тренерот со стручниот тим влијае на работната атмосфера во стручниот тим, климата на доверба, ентузијазмот, посветеноста, а тоа пак, се одразува на соработката на стручниот тим со играчите. На тој начин се креира еден спирален круг на влијанија врз севкупната ефективност на спортската организација. Секако, како најзначајна е врската на тренерот кон играчите, како на индивидуално ниво, така и кон целата екипа. Од сето ова се гледа дека улогата на главниот тренер во една спортска организација е голема. Имајќи ги предвид задолженијата и очекувањата од тренерот на првиот тим се очекува многу. Неговата улога е комплексна и не се однесува само на спортската техника и стратегија, туку и на креирањетона работна атмосфера за тимска работа, не само во спортската екипа, туку и во стручниот тим. Ова бара специфични знаења и вештини, но и лична посветеност на тренерот во постигнувањето на целите и заложбите, принципите на тимската работа да ги имплементира во работењето на стручниот тим.
За да се постигне ова треба да се дејствува во две насоки, во форсирање на позитивните практики, од една страна, и намалување на факторите и практиките кои имаат негативно влијание, од друга страна.
Автор:
д-р Елица Перчинкова
Член на МАЧР
Текстот изворно е објавен во е-весникот "Човечки капитал" бр.6, стр. 50.
До останатите текстови од весникот може да пристапите овде.
--------------------------------------------------------------------------------
[1]John Wooden with Steve Jamison, 1997, Wooden, A lifetime of observation and reflection on and off the court, McGrowHill, pg. 131
[2]Rick Pitino with Bill Reynolds, 1997, Success is a choice-Ten steps to overachieving in business and life, Broadway Books, p.142
[3] http://www.psych.upenn.edu/node/21393
[4] Vlad Rosca, The rugby coach and his three roles in the management Of a rugby team Management & marketing Challenges for knowledge society(2010) vol. 5, no. 4, pp. 138
[5] John C. Maxwell, 2001, The 17 indisputable laws of teamwork, Tomas Nelson, Nashville, pg.142
[6] Maxwell, pg.170