Денес, во услови на висока конкурентност, компаниите се во постојана потрага по нови практики за зголемување на продуктивноста и за зајакнување на конкурентската позиција. Управувањето со човечките ресурси (HRM) и општествената одговорност на претпријатијата (ООП или пошироко познато како CSR) се два концепта што се од голема важност за развојот на компаниите и за нивното позиционирање пред основачите / акционерите, купувачите и корисниците на услуги, добавувачите, пошироката заедница во која дејствува, општеството и пред своите вработени.
Општествено одговорното дејствување и управување со човечките ресурси
Денес, во услови на висока конкурентност, компаниите се во постојана потрага по нови практики за зголемување на продуктивноста и за зајакнување на конкурентската позиција. Управувањето со човечките ресурси (HRM) и општествената одговорност на претпријатијата (ООП или пошироко познато како CSR) се два концепта што се од голема важност за развојот на компаниите и за нивното позиционирање пред основачите / акционерите, купувачите и корисниците на услуги, добавувачите, пошироката заедница во која дејствува, општеството и пред своите вработени.
Сe повеќе се развива свеста и потребата кај компаниите за општествено одговорно дејствување. Општественото одговорно дејствување на една компанија треба да е многу повеќе од следење актуелен тренд, треба да е стратегиска заложба и определба. Од аспект на HRM, тоа би значело не само задоволување и применување на законските норми, туку чекор понапред, преземање иницијатива и мерки за развој на највредниот ресурс на една компанија, развој на човечкиот капитал.
Дел од практиките за управување со човечките ресурси што го зајакнуваат и општествено одговорното дејствување на компанијата се:
- Здравје, заштита, превенција и благосостојба на вработените;
- Тренинг и развој на постојниот човечки капацитет;
- Инвестиција во иден човечки потенцијал и многу други.
Овој пристап на општествено одговорно управување со човечките ресурси придонесува за подобрување на имиџот на компанијата како актрактивен работодавец и зголемување на посветеноста и лојалноста на вработените. Многубројни примери на добри практики за подобрување и надоградување на компетенциите на вработените, како и програми за развој на млад и перспективен кадар се препознаени и наградени за своето општествено одговорно однесување во категоријата однос со вработените.
Во овој текст мал осврт ќе се даде на област што претставува предизвик за дополнителни активности, претставува поттик за пронаоѓање нови и иновативни пристапи и решенија.
Здравје, заштита, превенција и благосостојба на вработените
Секој човек има право на живот (право на добро здравје и лична безбедност), право на работно место без ризици по неговото здравје и безбедност.
Компаниите преземаат значителни напори и мерки за зголемување на заштитата при работа, се придржуваат до законските одредби и инвестираат во заштитна облека, заштитни средства и алат. Но помалку се среќаваат практиките за превенција и заштита на здравјето на вработените.
Поставувањето цели, таргети, работни активности и очекувања, брзиот развој и промените може да предизвикаат стрес, професионална исцрпеност, депресија и ред други здравствени појави, кои на крај резултираат со намалена ефикасност и чести отсуства од работа. Овие негативни последици предизвикуваат и загуба на финансиски и материјални средства за вработениот, за компаниите, но и за државата поради неконтролираното црпење на средствата од социјалните фондови за надомест на лекувањето итн.
Со оглед на наведените негативни последици со кои се соочуват компаниите, здравјето и благосостојбата на вработените се исклучително важни прашања за менаџментот. Креирањето и развојот на здравствена политика во некои компании се интегрирани во стратегијата за управување со човечките ресурси. Општествено одговорно однесување и ставови вклучуваат благосостојба на вработените и креирање позитивна работна средина.
Преку анализа и процена на ризик, креирање и воспоставување програма за здравје, заштита, превенција и благосостојба на вработените се креираат безбедни услови за работа, се унапредува и се одржува високо ниво на физичка и ментална добросостојба на вработените, се зголемува заштитата од ризици штетни по здравјето. Преку активности и задолженија приспособени на физиолошки и психолошки можности на вработениот се намалува и нивото на стрес како најпозната и најраспространета болест на денешницата.
Подготвила:
Дојранка Анастасовска-Цветковска
(Текстот оригинално е објавен во е-весникот на МАЧР "Човечки капитал" бр.5 на стр.51 или овде)