МАЧР во следниот период ќе понуди посебни можности за поддршка на своите членови, пријатели и соработници. Притоа ги повикуваме сите да го вложат сиот свој ум и професионализам во конструктивни акции за справување во вонредни услови и за што побрзо и поуспешно надминување на кризата.
Почитувани членови, пријатели и соработници,
Тешките времиња се тие во кои се издвојуваат вистинските лидери. Македонската асоцијација за човечки ресурси, како заедница од бројни HR менаџери, специјалисти, експерти, тренери, консултанти и коучови, со години се залага за унапредувањето на ХР професијата со една крајна цел – градење на вешти професионалци кои ќе знаат како да ги решаваат сите предизвици во организациите и да обезбедат услови и капацитети за непрекинато функционирање на сите витални системи.
Во вонредни состојби, како сегашната глобална пандемија предизвикана од вирусот COVID-19, која доведува во прашање многу претходно познати и функционални концепти, најважно е да се сплотиме. Како HR професионалци, ние сме одговорни за физичката и менталната состојба на нашите вработени и ова е вистинското време да ги обединиме и искористиме нашите сили, знаења и ресурси во насока на постигнување на општа функционалност на системите во кои се клучни луѓето.
Од оваа причина, МАЧР во следниот период ќе понуди посебни можности за поддршка на своите членови, пријатели и соработници. Притоа ги повикуваме сите да го вложат сиот свој ум и професионализам во конструктивни акции за справување во вонредни услови и за што побрзо и поуспешно надминување на кризата.
- Групата на LinkedIn - Macedonian Human Resources Association (линк) ќе биде наменета за поддршка и групна размена на искуства и совети за сите оние кои имаат HR дилеми кои произлегуваат од разрушената динамика во секојдневното функционирање поради моменталната критична состојба. Поставувајте прашања, дискутирајте и споделувајте искуства преку оваа платформа. Ние ќе ја модерираме дискусијата и ќе се обидеме заеднички да наоѓаме решенија. Доколку не сте дел од таа група, можете да се приклучите веднаш овде (линк).
- Огранокот за коучинг на МАЧР ќе ја даде својата поддршка преку обезбедување на бесплатни онлајн коучинг сесии. Професионалните коучеви од Огранокот за коучинг ќе ја понудат целата своја експертиза и поддршка во надминување на индивуалните предизвици за прашања од персонален (личен) карактер - „life coaching”. Повеќе информации за достапноста на овие коучинг сесии можете да прочитате на следниот линк.
- Ќе обезбедиме и бесплатни онлајн менторски сесии за HR менаџери и професионалци. Сакаме богатото знаење на поискусните во ХР заедницата да го направиме достапно за сите оние кои имаат потреба од помош и насоки во барањето решенија во овие вонредни денови. Ги покануваме сите HR професионалци кои се чувствуваат кадарни и се во можност да менторираат свои колеги, како и оние кои имаат потреба од менторство, да се пријават на е-маил адресата на МАЧР contact@mhra.mk заради поврзување.
Чувајте се и останете позитивни, ведри и мотивирани.
Луѓето пред се!
Македонска асоцијација за човечки ресурси