Претседателот на МАЧР, м-р Дарко Петровски одговори на неколку прашања за весникот на Бугарската асоцијација за менаџмент со луѓе, поврзани со моменталната кризна состојба во нашата земја .
„Менаџерите за човечки ресурси мораат да покажат лидерство и солидарност“
Интервју со м-р Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси
Преземено од месечното издание на весникот на Бугарската асоцијација за менаџмент со луѓе (BAPM – Bulgarian association for people management) од 14.04.2020
Кои се знаците кои укажуваат на зголемен притисок врз економијата и бизнисот во вашата земја?
Економските активности се во застој, како и секаде во светот, многу бизниси ги запреа своите активности, многу луѓе беа испратени дома. Само оние кои се дел од неизбежни активности се сѐуште надвор и активни, одговорно завршувајќи ги своите задачи согласно препораките за заштитни мерки од страна на Министерството за здравство. Нашиот генерален впечаток е дека компаниите прецизно се придржуваат до насоките и инструкциите од страна на надлежните органи. Бизнисот е сѐуште во нокдаун по првичниот шок. Очекуваме притисокот да порасне, особено доколку оваа состојба продолжи уште некое време. Се надеваме да ги видиме првите знаци на олеснување на состојбата во наредниот месец.
Кои индустрии имаат највеќе потешкотии и какви мерки преземаат тие?
Очигледно е дека генерално целата економија ќе страда. Рано е да се каже кои гранки ќе бидат најголемите „губитници“, а кои ќе бидат „победници“ во оваа криза. Рестрикциите за слободно движење имаа влијание врз многу сектори. Многу од бизнисите се обидуваат да се адаптираат на моменталните околности. Одредени компании ги одложуваат тешките одлуки додека останатите ги отпуштаат своите вработени. Сите градат сопствени стратегии во зависност од нивните проценки за времетраењето на кризата. Дел од економските мерки кои ги воведе нашата Влада нудат делумни решенија коишто не се применливи во сите полиња на бизнисот.
Какви мерки преземаат бизнисите со цел да спречат голема криза во однос на менаџментот со човечки ресурси? Како се справувате, дали постои потреба да се намали работниот кадар и како успевате да ја избегнете?
Притисокот врз Менаџментот со човечки ресурси е навистина на највисоко ниво во вакви времиња. Пред HR-професионалците се поставуваaт многу тешки прашања, почнувајки од правните предизвици при регулирање на принудните отсуства и работењето од дома, грижата за здравјето и безбедноста на вработените, па се до мотивацијата на вработените.
Овие времиња ги сметаме за времиња на рефлексија и генерално „ресетирање“. Како претставници на HR-заедницата во нашата земја, сметаме дека треба да покажеме лидерство. Оттаму, Македонската асоцијација за човечки ресурси во ова тешко време, на HR-професионалците и на нашата економија им нуди платформа за споделување искуства кои се поврзани со предизвиците со коишто се соочуваат HR-менаџерите и специјалистите и низ отворена размена и споделување ние сме сигурни дека можеме да пронајдеме одредени решенија. Овој канал е веќе отворен и фукнционира преку нашата LinkedIn група.
Веруваме дека токму во овие времиња треба да покажеме солидарност и поддршка во нашите програми „Од членовите за членовите“. Во овие времиња кога многу луѓе работат од дома, понудивме бесплатни можности за менторирање и коучинг сесии за нашите членови, HR менаџерите и професионалците како и за соработниците и пријателите на нашата асоцијација. Се надеваме дека ќе можеме да им помогнеме да се справуват со моменталните предизвици на некој подобар и полесен начин, без разлика дали предизвиците се од лична или професионална природа. Сакаме да бидеме тука за нив, бидејќи ние постоиме за нив.