нспирит Коучинг е компанија со обучувачи и тренери (коучеви) кои имаат обемно и долгогодишно искуство. Погледнете го интерјувто со Ирена Јакимова, основач на Инспирит Коучинг, лиценциран обучувач за возрасни и сертифициран коуч.
„Нашиот тренинг центар расте преку успесите на сите што поминале низ нашите програми“
Инспирит Коучинг е компанија со обучувачи и тренери (коучеви) кои имаат обемно и долгогодишно искуство, и во својата работа применуваат најсовремени методи, пристапи и алатки, како што се невро-биологијата, NLP (невро-лингвистичко програмирање), внатрешна мотивација personal strengths (www.personalstrengths.com), креативна психологија Points-of-You (www.points-of-you.com), како и менаџерско и претприемачко знаење и искуство. Компанијата има програма и понуда на отворени (јавни) обуки, со мешани групи, како и наменски, интерни обуки за компании, организации и тимови. Покрај тоа, Инспирит Коучинг работи и со современа методологија на коучинг, за подобрување на перформансите, поставување и постигање цели, носење одлуки, личен развој, како на поединци (Executive Coaching), така и на тимови (Team Coaching, Team Building). Погледнете го интерјувто со Ирена Јакимова, основач на Инспирит Коучинг, лиценциран обучувач за возрасни и сертифициран коуч.

1. Пред се, би сакале да Ви искажеме огромна благодарност за Вашиот континуиран интерес во HR Викендот. Moжете да ни кажете нешто повеќе за придобивките и впечатокот кој го стекнавте од учеството на минатогодишниот настан?
Сакам да ви честитам за иницијативата, за истрајноста и за сето она што го правите за развојот на човечките потенцијали во нашата земја. Минатата година имав преубаво искуство да сретнам познати и да запознаам нови лица и да сработиме убава групна сесија со преку 20 професионалци кои работат со човечките ресурси во нашите компании. Преку 20 луѓе ги осетија Points of You картиците и процесите во тимска работа. Многу убаво си поминавме.
2. Ако можеме да им откриеме на заинтересираните, насловот на Вашата сесија на овогодинешниот HR Викенд е “The Art of presence”. Нема да навлеземе во описот на сесијата, но не интересира зошто го употребивте зборот “Art”, односно уметност, при опис на сесијата?
Моето досегашно искуство во работата со луѓе, со тимови, со себе, со лична едукација и развој и со едукација и развој на други луѓе -- ми покажало дека се’ што работиме, се’ што правиме и кои сме – треба да го правиме најдобро што можеме. Од се’ што правиме, да правиме најдобро што можеме, да правиме уметност од секоја активност, дејност, професија, од се’ да правиме уметност! А, најголемата уметност од се’ е нашето присуство, нашето свесно постоење и давање најдоброто од нас. Според мене, а тоа не мора да е единствената вистина -- само така ќе уживаме во животот, во секој миг. Ова е особено важно при комуникацијата со други луѓе, со себе, и во говорењето пред други луѓе. На тоа ќе се осврнеме на овогодинешната сесија.
3. Како искусен обучувач, кое е чувството со кое тежнеете присутните на Вашите обуки да си заминат откако ќе заврши обуката?
Ова убаво го дефиниравте. Чувствата и емоциите го обликуваат нашето доживување на реалноста. Колку и да размислуваме рационално, ние сме водени од чувства, од емоции. Сакам нашите учесници да заминат од обуките или од индивидуалните сесии со чувството дека вредат, дека можат, дека умеат повеќе, дека придонесуваат, дека заслужуваат да постојат, дека се видени, дека се важни. Дека имаат избор. Дека смеат!
4. Следејќи го текот на Вашиот професионален развој, можеме со сигурност да кажеме дека се имате валидирано како искусен и врвен професионалец. Следствено, како докажан професионалец кој си го следи развојот на сопствените капацитети, на кои капацитети се фокусирате кога работите со тимови и со поединци?
Сите ние имаме неискористени капацитети. Капацитети на кои не им веруваме, не ги гледаме, не им дозволуваме да излезат на виделина, да дејствуваат, да направат промени кон поубаво. Капацитети кои можат да бидат различни, и како такви се уште поголемо богатство за еден тим.
5. Како личност којашто ја негува бизнис културата, можете ли да ни кажете што е тоа што Ве има истакнато како успешен пионер, основач на делотворен тренинг центар? Дали и како Вашите тренинг програми имаат допринесено за успехот на Вашиот тренинг центар?
Којзнае што е тоа.... Дали е лепезата врвни светски методологии, дали е животното и професионално искуство... Дали е пасијата и посветеноста на секој учесник, на секој тим, на сите што ни ја дале довербата да светнеме со ламбата внатре во нив и да ја видиме онаа ризница на можности што самите не си дозволиле да ја видат? Или други им ја затемниле. Ако се задлабочам во Вашето прашање, излегува на површина сознанието дека успехот на нашиот тренинг центар е неважен пред успесите на сите што поминале низ интеракцијата со нашите програми – преку нивните успеси, ние растеме. Не можам со зборови да ја опишам радоста и богатството и чувството на моќ кога знам колку други луѓе се успешни, создаваат и влијаат со моја, со наша поддршка. Чувството дека сме допреле животи на лица и компании, е нешто за што вреди да се живее!
6. Според Вас, која е причината позади успехот на обуките? Дали сметате дека компаниите во Македонија на вистински начин ги искористуваат можностите и придобивките од обуките?
Допираме повеќе нивоа. Знаења, вештини, искуства, но, пред се’ -- ја допираме личната моќ, лидерството на секој еден од нас. Им помагаме да си дадат дозвола за успех, да ги усовршат начините, патиштата, вештините -- како нештата да ги прават подобро, поефикасно, со подобри резултати, со резултати поблиску до она што го посакувале. А, најважно од се’, со чувства дека се доволно добри, подготвени или ќе се подготват, дека умеат, дека смеат. Дека вредат.
Обучувањето, коучингот и тренингот бараат време и посветеност. Сепак, дури и оние компании што пробале барем малку, ги поздравувам! Тие прават многу повеќе од оние што не пробале ништо.
Повеќе информации за HR Weekend 2.0 погледнете на следниот линк.