Македонската Асоцијација за човечки ресурси беше формирана со поддршка од БЕА
Со поддршка на Проектот за деловно опкружување (БЕА) и Програмата за човеков и институционален развој на УСАИД, во Скопје беше формирана Македонската асоцијација за човечки ресурси. Асоцијацијата е основана како здружение на граѓани, а основачкото собрание се одржа на 22 април.
Асоцијацијата се формира со цел да ги поврзе професионалците од областа на човечките ресурси во силна заедница на членови, ориентирана кон развој на професијата, идентификување на заедничките предизвици и нивното влијание врз управувањето со човечките ресурси, како и кон позиционирање на професијата како интегрален дел на процесот на креирање стратегии за подобрување на учинокот на македонските компании.
Активностите на оваа асоцијација ќе вклучат специјализирани образовни програми за професионален развој на практичарите од областа на човечките ресурси, обуки за справување со предизвиците на актуелното работно опкружување и развивање професионална мрежа која здружено ќе настапува во креирањето правци за натамошен развој на професијата и, воопшто, на работната сила во земјата. Асоцијацијата ќе претставува форум за постојана размена на искуства и знаења, а интензивно ќе го промовира и концептот на доживотно учење.